Предностите на моделот со една изборна единица и отворени кадровски листи

Проф. д-р Ѓорѓи ТОНОВСКИ

Изборниот модел со една изборна единица и со отворени кадровски листи, според својата природа е поблизок до непосредната демократија за разлика од мнозинскиот изборен модел и од пропорционалниот изборен модел. Таквиот модел го продлабочува и го проширува географско-материјалниот, физичкиот простор на демократијата но и функционалниот простор за специфичниот вид на демократско изјаснување низ изборниот ахгажман на граѓаните. Моделот една изборна единица го обединува сегментираното демократско изборно тело.

На тој начин се конструира единствен изборен демократски простор и амбиент, во стилот „ајде заедно да ги избереме и здружено да одлучуваме за себе”. Во вака обезбедената целина неизбежно важат подеднакво сите принципи и стандарди, пропишаните правила на играта со кои демократски се избираат претставниците со кои кадровски се екипираат општествените институции. Моделот една изборна едниница има потенцијал да понуди натамошен продор на изворните изборни принципи и стандарди и да обезбеди натамошен продор на вистинските, изборните демократски процеси и односи. Изборниот модел со една изборна единица го обединува во една целина сегментираниот поделен изборен простор со повеќе изборни единици, ги изедначува изборните услови, правила, и содржи доза на чувство за единство на народот на целата државна територија. Овој модел ја надминува и ја разбива „феудалната затвореност” на расцепканата државна избирачка територија. Зачаурената и затворена изборна единица лесно може да се контролира и командува од разните моќни групи со што изборниот процес ја губи својата автентичност, и ја извитоперува идејата и практиката за слободна избирачка волја на граѓаните. Тие лесно се манипулираат со разни коруптивни, насилни и други методи за притисок при што се присилуваат да гласаат за насила наметнати, контролирани, клиентизирани кандидати, верни на интересите на манипулативната група. Во единствената обединета изборна единица гласачите се изедначуваат како гласачи зашто сите учествуваат на исти начин во иста работа, нема дискриминација, непочитување на достоинството – нема поделби од стилот селска изборна единица, помала изборна единица, провинциска изборна едниница, туку сите се промовирани во иста улога – сите еднакви избирачи се носители на исти ангажмани кои на крајот имаат ист заеднички резултат - пратеници.

Демократијата е начин на живот, мислење и креирање, таа е до толку поцврста до колку ги проникнуа сите нивоа на општетсвеното мислење, однесување, организирање и функционирање. Ако моделот на една изборна единица и отворени листи има амбиција да обезбеди поквалитетна реализација на изборниот аспект на демократијата и на политичката култура, тогаш тој е пофункционален и поефективен за демократско активирање и ефектуирање на демократските потенцијали и хумани резерви во овој дел од демократските процеси и односи. Исто така, не е беззначајно и тоа дека кај овој модел можностите за вклучување во изборниот процес се отворени за сите и нема место за било какви приговори за евентуални нееднакви и некоректни услови за гласање меѓу различните поделени изборни единици.

Моделот една изборна единица е атрактивен за тнр. мали партии. Во другите модели овие партии настапуваа воглавно како членки на одделни коалиции, па потоа имаа удел во „изборно-победничкиот плен” на пониските нивоа на кадровањето. Оние што учествуваа самостојно на изборите добиваа бројни гласови, но тие беа нерамномерно распределени по различните изборни единици при што во ниедна од нив немаше доволна концентрација гласови за да можат да добијат некој пратеник. Со моделот една изборна единица таа концентрација станува ефикасна и може да донесе успех во стекнувањето на определен број пратенички места кои би можеле да бидат евентуален добар коректор за определени одлуки и ситуации. Меѓутоа, тука се јавува потреба од воспоставување на правила на игра со кои ќе се дефинира кои се мали парти легитимни за учество во изборите, да се оневозможи злоупотреба па кандидирањето да стане простор за поигрување на авантуристи, преку партии кои би биле формирани за една употреба, за време на избори. Во таа насока треба да се определи најмал број на кандидати за натпреварот (не само еден или двајца кандидати), да се определи потребен праг на добиени гласови за влез во парламентот, и слично. Во секој случај, учеството на малите партии во моделот една изборна единица е во прилог на натамошната демократизација на изборниот процес, но и на политичката култура во македонското општество.

Изборниот модел на една изборна единица и отворени листи го надминува феудализирањето на изборната територија и посредуваната ограничена понуда на можни кандидати за политички репрезенти (по 20 пратеници од сите 6 изборни единици). Алтернативите за избор се далеку поголеми бидејќи гласањето претпоставува дека гласачите се во можност да избираат луѓе од целиот кадровски потенцијал на републиката, а не само еден мал дел од еден географски простор кој во даден момент се трансформира во една од повеќето изборни единици. До колку граѓанинот во гласачкото ливче за таа изборна единица не препознава авторитетни личности за кои би го дал својот глас тој има само две можности – или да не гласа, или пак, наспроти сопственото политичко или морално убедување, безволно да се повинува на волјата на еден од субјектите-натпреварувачи и да гласа за неговата листа, иако кадровската понуда (поединечно или групно) на листата не се согласува со неговите очекувања и ставови. Кај овој модел, отворените листи пружаат можност за препознатлив и фундиран кредибилитет и легитимност на избраните кандидати. Оние што ќе го поминат изборно-гласачкиот филтер се стекнуваат со голема доза на автономност во политичкото дејствување и критички однос кон предложените партиски и пошироки политички политики. Фактот дека тие станале народни претставници со волјата на мнозинскиот број гласачи од целата територија на државата дава додатна доза на моќ и авторитет во нивното достоинствено и квалитетно дејствување во законодавниот дом и во креирањето на генералната политика и насоките за натамошен развој на татковината. Нивната релација со партиските централи има очекувани примеси на паритетност, координација и взаемна соработка. Состојбата на апсолутна доминација на раководителот/раководството на натпреварувачкиот субјект (политички или граѓански) во однос на кандидираниот репрезент се трансформира во состојба на меѓусебна соработка и разбирање за креираните политики и нивниот (не)успех за состојбите во државата.

Со овој модел во значителна мера се афирмира и јакне политичкото претставување и политичката култура и се дава прилог во кохезивните и интегративнте процеси во заедницата. Тој го јакне чувството на еднаквост и заедништво кај граѓанството. Гласањето за исти претставници за парламентот прави чувство за моќ на гласачот како главен актер во изборите на целата територија на заедницата. Избраниот парламент се јавува како резултат на сите гласачи, а не на поделените гласачки единици поединечно. Истовремено, целиот политички спектрум е обединет во едно единствено гласачко тело во целата заедница. Тоа значи дека различните и многубројни интереси на општествениот и политичкиот спектрум се манифестираат во својата изворна форма како препознатливи целини на избирачката територија и се кристализираат, манифестираат и натпреваруваат преку општо прифатени кандидати кои со изборот стануваат народни претставници на сите избирачи, а не народни претставници од определени одвоени изборни единици. На тој начин и самите интереси на социјалните групи се приближуваат меѓусебно и се усогласуваат и кристализираат како заеднички интереси на спектрумот, па и ги формираат и форсираат општите општествени интереси. Во системот на отворени изборни кандидатски листи во една единствена отворена изборна арена кај граѓанинот постои едно возвишено чувство и претстава дека тој, гласајќи за сите 120 кандидати, всушност го избира целиот парламентарен состав според својот терк и своите замисли за квалитетот на луѓето во политиката. Граѓанинот овде со својот избор се спротивставил на постоењето на вечни политичари, политичари по секоја цена, наметнати луѓе од партиските врхушки без оглед на нивниот искривен морален дигнитет, на клиенти чија политичка кариера зависи од апсолутната моќ на отуѓени (надопштествени) сили кои од позадина го креираат законодавниот дом преку тнр. добитни места на избирачките листи, и слично. Можноста власта да се доживее како изворно народна, израсната од и според слободно изразената волја на широките граѓански маси, сепак е најголема токму во ваквата комбинација на една изборна единица и отворени кандидатски листи. Таквата власт е најдобрата симбиоза и показател на застапеноста и разновидноста на скалата на идеолошко-политичките определби на сите сили во политичкиот спектрум на македонското општество. Со ваквото чувство, на своевиден начин, кај граѓанинот се враќа довербата и желбата да учествува во изборниот процес, се избегнува можната апстиненција од избори и избор на неквалитетна и општествено нерепрезентативна политичка елита. Тоа му дава своевиден легитимитет и легитимност на избраниот законодавен дом, како највисок орган на власта на републиката. Длабоката идеја на овој модел е дека секој граѓанин треба да биде подготвен за ваквата света мисија. Тој мора да биде верзиран во однос на техниките за гласање, но пред се и над се за квалитетот на сите понудени кандидати. Тоа бара изузетен ангажман и сериозност на гласачите, меѓутоа тоа е неопходна и одговорна работа од која зависи судбината и развојот на земјата во наредниот изборен период. Не е популизам, нити анархизам ставот дека идеалното во овој модел е сознанието дека во него и со него секој гласач како носител на власта и на неприкосновеното избирачко право си конструира свој комплетен или делимичен (зависно од неговото гласање) кадровски состав на парламентот. Заедничкото совпаѓање на избирачките гласови ја дава резултантата на конечниот парламентарен состав.

Моделот една изборна единица е технички покомплексен процес, бидејќи претпоставува зголемен ангажман на сите изборни субјекти (политички партии, здруженија, независни листи и слично), како и органи кои кандидираат и го водат текот на изборниот натпревар, изборните комисии на локално и државно ниво. Моделот претпоставува многубројни изборни листи, зашто во него коалициите и заедничките листи се поретки, секој субјект претендира да се појавува сам во изборната арена, а тој број при вакви околности на многубројни субјекти е навистина голем. Потребно е и подолго време до соопштувањето на резултатите. Но тоа не ја доведува во прашање неговата делотворност за обезбедување на демократичноста на иборниот процес.

 

NEWSLETTER

Stay up To date with our newsletter. We Do Not Spam.

©2024 -ПОЕН - Партија за општествен и економски напредок

Search