Говорот на проф. др. Рубин Земон од IV Собрание на ПОЕН

Почитувани

Гости и делегати на 4-то Собрание на Партијата за општествен и економски напредок

ПОЕН, како партија од политичкиот центар, со либерал-демократска провиниенција, во овој бурен период за македонската историја и политика, е на страната на прогресивните сили, кои сакаат Република Македонија да ја видат што поскоро во НАТО и ЕУ.

Застанувајќи на страната на одбраната на правната држава, ПОЕН е дел на коалицијата „За живот во Македонија“, предводена од СДСМ, која коалиција како една од приоритетите ја имаше да ја ослободи „заробената држава“, како што во една прилика Европската Комисија ја квалификуваше наша земја за време на владеење на претходната власт. Денес на една и половина година откако новата Влада раководи со државата, можеме да заклучиме дека се успева во мисијата на ослободување на „заробената држава“ и покрај тоа што тој процес оди бавно и на патот има многу препреки.

Поранешниот комесар за човекови права на Советот на Европа Нил Муижиниекс, при неговата посета на Република Македонија во февруари 2018 година на прес конференција заклучи дека Македонија „останува длабоко поделено општество и дека со Рамковниот договор се направени измени како правичната застапеност на заедниците, децентрализацијата и употребата на јазиците, но не е постигната интеграцијата.“ 

Вакви и слични констатации се дадени и од голем на број на релевантни домашни и меѓународни институции, комисии, работни групи, невладини организации и слично.

Денес како никогаш досега во историјата на независна и суверена Република Македонија, слободоумните и прогресивни граѓанки и граѓани, политички партии, цивилниот сектор, академската заедница и другите формални и неформални заедници и групации, силно застануваат заеднички на еден широк фронт против криминалот, злоупотребата на јавните овластувања и функции, узурпацијата на власта за лично и партиско збогатување, партиската и друга дискриминација, борбата против сиромаштијата што длабоко го зафатило нашето општество. Денес изборот е многу едноставен: или го поддржуваш криминалот и корупцијата, или се бориш за подобро утро на своите деца и внуци!

Државата е релативно сиромашна, нема нови работни места, стандардот на голем дел од населението е мизерен, илјадници граѓани се иселуваат. За да се изнајде излез од мултиетничките јазли, мора сите сили во општеството да започнат да бараат она што поврзува. Мора да се бараат надетнички спојувања, во „подоленото општество“, кои ќе треба да се огледуваат и рефлектираат во јавната сфера. „Битката“ ќе треба да се води кон поправедна распределба на ресурсите, во развојот на демократското општество, кон градењето на Едно општество, наспроти „поделеното“, и инвестирање во интеркултурниот дијалог и толерација, наместо во „разликите“.

Имајќи ги во предвид потребата за брзо интегрирање во ЕУ и тековите на политиките што во земјите на ЕУ се водат за совладување на многуте горчливи прашања во нашето општество, нашата партија во иднина ќе се фокусира да во Македонија што повеќе се водат политики на општествена правда. Општетсвената правда е концепт на фер и правични односи меѓу поединецот и општеството. Ова се мери со експлицитни и премолчени термини за распределба на богатството, можности за лична активност и општествени привилегии. Во западните култури, концептот на општествена правда, често се осврнува на процесот на обезбедување да поединците ги исполнуваат своите општествени улоги и го добиваат она што општеството им должи. Во актуелните глобални движења за општествена правда, акцентот се става на кршење на бариерите за општествена мобилност, создавање на безбедносни мрежи и економска правда. Општествената правда ги доделува правата и должностите во институциите на општеството, што им овозможува на луѓето да ги добијат основните бенефиции и оптоварувања на соработката. Релевантните институции често вклучуваат оданочување, социјално осигурување, јавно здравство, државно училиште, јавни услуги, трудово право и регулирање на пазарите, за да се обезбеди правична распределба на богатството и еднакви можности.

Поради тоа, на оваа Собрание на Партијата, сметаме дека треба да се донесат некои многу важни одлуки, особено поврзани со новиот фокус и новините во политичка Платформа на Партијата . Сметаме дека политиките на Партијата и државата треба да се насочат кон општествена правда и кохезија, брзиот економскиот развој и градењето на едно мултикултурно и интер-културно толерантно општество.

Всушност, основните цели и заложби кои се содржани во Проекцијата на ПОЕН за Македонија, кои што денес на оваа Собрание ќе биде разгледано и ставаено на усвојување, се поврзани со надминување на сеопштата општествена криза, освојување и имплементација на стандардите и вредностите на современата цивилизација во развиениот свет, како и членството на земјата во ЕУ и НАТО. 

Тоа се, воедно, постулати според кои партијата ќе се ориентира при воспоставување на односите и соработката со други политички или граѓански општествени субјекти, како на внатрешен така и на надворешен план. Тоа се и ориентирите според кои партијата би коалицирала во време на изборите на републичко и на локално ниво. Програмските блискости се однесуваат на најголемиот број општествени прашања и проблеми. При тоа, ПОЕН не е следбеник на популизмот во политичкото дејствување, туку се залага за сериозен, објективен, фундаментален и аргументиран пристап кон решавањето на општествените прашања и проблеми. Таквиот пристап произлегува од широката консултација со граѓаните, кои како избирачи и симпатизери на политичката програма на ПОЕН, низ широка дебата, заедно со другите политички и невладини сили договараат, креираат и нудат решенија за излез од општествената криза, и за насоките на идниот цивилизиран (општествен и економски напредок) развој на Македонија.

Имајќи го сето ова во предвид, како ориентир програмската и работа на ПОЕН ќе бидат следните приоритети на нејзиното дејствување:

1. ЕКОНОМСКИ РАЗВОЕН БУМ - со што ќе се бориме да се отворат нови работни места во реалниот сектор, во наредните 4-5 години.

2. ЦЕЛОСНО КОМПЛЕТИРАЊЕ НА НАТО И ЕУ ИНТЕГРАЦИИТЕ - со што Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО и на ЕУ.

3. ИНТЕНЗИВНИ АГРАРНО-РУРАЛНИ ПОЛИТИКИ - со што македонскиот аграр би требало се претвори во најголема фабрика под отворено небо.

4. ЗАПИРАЊЕ НА ДЕМОГРАФСКИТЕ НЕГАТИВНИ ТРЕНДОВИ ИЛИ ТНР. „БЕЛА ЧУМА“ – преку водење на активни демографски и општествено развојни политики на државно и локално ниво, со што би се намалило иселувањето од државата, а особено на младите едуцирани кадри.

5. ОПШТЕСТВЕНА ПРАВДА И ОПШТЕСТВЕНА КОХЕЗИЈА- за да се обезбедат фер и праведни релации помеѓу граѓанинот, општеството и државата.

6. ЗАЈАКНУВАЊЕ НА МУЛТИКУЛТУРНОТО ОПШТЕСТВО И ИНТЕРКУЛТУРАЛИЗМОТ - со што на различностите како наше најголемо богатство ќе им се обезбеди рамноправно, активно и ефективно учество во јавниот живот.

7. ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И ПРАВНАТА ДРЖАВА - со што бескомпромисно ќе се спроведува неселективната правда.

8. ПОЧИТУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ, без кои не можи да зборува за либерално и демократско општество, ниту пак е можен било каков општествен развој како дел на западната цивилизација, каде што Македонија природно припаѓа. 

9. ЦЕЛОСНА СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕТО И СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ - со што би се спроведувало загарантираното основно човеково право на информирање, но и борба против говорот на омраза по соција лните мрежи и медиумите, кои директно го поткопуваат заедничкото толерантно и солидарно живеење во нашата држава

10. КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ, СПОРТ И КУЛТУРА- секој граѓанин има право на еднакви можности за квалитетно образование, културно воздигнување и спортски или рекреативен развој, но и инвестирање во науката и креативните индустрии и иновации, бидејќи таа е клучната алка што можи да ни донесе поголем технолошки и економски развој, а со тоа и подобра благосостојба и „вечен мир“ во општествениот развој, но и да живееме во здрава животна средина, за што се соочуваме со сериозни предизвици за наш биолошки опстанок.

Почитувани гости и делегати, Пред нас доаѓа време на искушенија, труд и големи компромиси. Земјата треба што поскоро да биде членка на НАТО и ЕУ, и треба да доживее општествен и економски напредок. Нашата партија, како и во изминатите години, ќе даде позитивен конструктивен придонес во овие процеси. Со целосна поддршка на владината програма и големата поддршка што меѓународната заедница ја дава на оваа владина програма, сметаме дека ќе успееме да одговориме на предизвиците што стојат пред нас во краток и среден рок, и дека ќе успееме на нашите деца и внуци да им обезбедиме европска и цивилизациска перспектива во Македонија. 

Ви Благодарам

NEWSLETTER

Stay up To date with our newsletter. We Do Not Spam.

©2025 -ПОЕН - Партија за општествен и економски напредок

Search