(Не)еднаквост на гласовите и приоритети во реформата на изборниот модел

Проф. д-р Рубин Земон, претседател на ПОЕН

Веќе неколку години во јавноста се наметна дискусијата за промена на изборниот систем или модел во Република Северна Македонија, при тоа се наметнува мислењето дека токму изборниот модел е генератор на многу  недоследности на демократските, како и на генерирањето политичките и уставните кризи во Македонија! 

Мојот акцент во врска со изборниот модел е во прашањето дали Македонија со овој начин на избор на пратеници, преку 6 изборни единици во Македонија и  условни 3 во дијаспората, и со примена на Д ‘ Хонтовиот формула при распоредување на пратеничките мандати, обезбедува да навистина Собранието на Република Северна Македонија биде претставнички на дом на сите граѓани и дали навистина при тоа се почитува волјата на избирачите?

Скоро на сите избори од кога е воспоставен овој модел во 2002 година, неколку децетици илјади гласови што ги добиваат помалите политички партии од гласачите одат во неповрат, т.е. тие гласови не добиваат свој политички претставник во Собранието! Ако се има во предвид дека при распределбата според Д’ Xонтовaта формула, кога тие гласови се претвараат во пратенички мандати ги земаат поголемите партии, и ако се знае дека во Република Северна Македонија за да се добие еден пратенички мандат се потребни од 7 до 10 гласови, се добива проценка дека приближно 12-17 пратенички мандати, наместо да ги добијат помалите политички партии, ги добиваат соодветно партиите од т.н. „големата тројка“. 

Незаслужени пратенички мандати за „големите партии“

Само за пример на изборите во 2011 година, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ процентуално освоило 38,98 % од гласовите, а Д’ Xонтовaта формула и поделбата во 6 изборни едници им доделија 56 пратеници односно 45% од парламентарниот состав, што значи пропорционално во добивка биле 6% повеќе пратенички мандати од освоените гласови, односно 8 пратеници ги имаа добиено без гласачите да гласаат за ним. Коалицијата предводена од СДСМ на истите избори во 2011 имаше освоено 32,78 % од гласовите, моделот им овозможи да добијат 42 пратенички мандати односно 34,15 % од парламентарниот состав, што значи пропорционално во добивка биле 1,8 % повеќе пратенички мандати или 2 пратеници ги имаа добиено без да се освоени гласови за ним на терен. ДУИ имаше освоено 10,24% од гласовите, доделени и беа 15 мандати, односно 3 мандати без гласачите да гласаат за ним, а ДПА со освоени 5,9% од гласовите, доби 8 мандати, т.е. 2 мандати повеќе за што немаа поддршка од народот. Од ова се гледа дека големите партиите од условно кажано на „зелена маса“ добиваат 15 мандати повеќе од тоа што добиле како гласови на терен! При тоа треба да се потенцира дека на тие избори во 2011 година ВМРО- НП освои нешто повеќе од 28 илјади гласови односно 2,51% од гласовите, Нова Демократија околу 20 илјади односно 1,78% од гласовите, Обединети за Македонија 17 илјади гласови односно 1,52% од гласовите, ЛДП 16,5 илади гласови односно 1,47% од гласовите, а не добија ниту еден пратеник, т.е. тоа што го освоија на терен го изгубија „на маса“ со овој изборен модел.

На изборите во 2014 година, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ процентуално освои 42,97 % од гласовите, а моделот и поделбата во 6 изборни единици и доделија 61 пратеници односно 49,60% од парламентарниот состав, што значи пропорционално во добивка биле  скоро 7% повеќе пратенички мандати од освоени гласови, односно 9 пратеници ги имаа добиено без да гласачите гласат за ним. Коалицијата предводена од СДСМ на истите избори имаше освоено 25,34 % од гласовите, моделот им овозможи да добијат 34 пратенички мандати односно 27,64 % од парламентарниот состав, што значи пропорционално во добивка биле повеќе од 2 % повеќе пратенички мандати или 3 пратеници ги имаа добиено без да освоени гласови за ним. ДУИ освоило 13,71% од гласовите, доделени и беа 19 мандати, односно 3 мандати без гласачите да гласаат за ним, а ДПА со освоени 5,92% од гласовите, добил 7 мандати, т.е. 1 мандати повеќе за што нема поддршка од гласачите. Од ова се гледа дека големите партиите на изборите во 2014 година, условно кажано на „зелена маса“ добиваат 16 мандати повеќе од тоа што добиле гласови на терен! При тоа партијата ГРОМ со 31,6 илајди гласови доби само еден мандат, а ВМРО-НП со 16,8 илјади гласови и Коалицијата за позитивна Македонија со 10,5 илјади гласови, како и други партии со помалку гласа не добија ниту еден мандат!

Од овие два примера сосема јасно се гледа дека овој изборниот модел, не обезбедува да Собранието на Република Северна Македонија биде во целост претставнички дом на сите граѓани. За да се неутрализира оваа неправда, распределбата на мандатите треба да се направи по друга формула со тоа што структурата на парламентарниот состав процентуално да биде складен со процентот на освоени гласови и волјата на електоратот. Бидејќи нормално ќе се јави разлика во процентите при распределбата на мандатите, формулата треба да им дава предност на партиите што имаат освоено помал процент на гласови, за да непрвадата биде помала, а општествената правда задоволена.

(Не)еднаква вредност на гласот на сите граѓани

На последните вонредни парламентарни избори од 2020 година, на виделина многу јасно исплива уште еден негативен феномен на актуелниот изборен модел, а тоа е нееднаквата вредност на гласот на граѓаните во различните изборни единици. Имено, ако се погледнат резултатите на излезените гласачи, и ако се пресмета просекот на гласови за добивање на еден пратенички мандат се добиваат следните резултати:

Во 1. Изборна Единица (ИЕ) вкупно гласале 162 530 од 309 210 избирачи, со што за еден пратеник во просек биле потребни  8126 гласа, при излезност на гласачите од  52,56 %;

Во 2. ИЕ  вкупно гласале 155 655/од 319 820 избирачи, со што за еден пратеник во просек биле потребни 7 783 гласа, при излезност на гласачите од 48,67 %; 

Во 3. ИЕ  вкупно гласале  160 518 од 278 511 избирачи, со што за еден пратеник во просек биле потребни 8026 гласа , при излезност на гласачите од 57,63 %; 

Во 4. ИЕ вкупно гласале  170 037 од 282506 избирачи, со што за еден пратеник во просек биле потребни 8502 гласа, при излезност на гласачите од  60,19 %

Во 5. ИЕ вкупно гласале   158810 од  314 489 избирачи, со што за еден пратеник во просек биле потребни 7940 гласа, при излезност на гласачите од  50,5 %

Во 6. ИЕ вкупно гласале   123 819 од  309 727 избирачи, со што за еден пратеник во просек биле потребни 6190 гласа, при излезност на гласачите 39,98 %.

Од ова се гледа дека просечно во 4-тата ИЕ биле потребни 8 502 гласа за еден пратенички мандат, а во 6-та ИЕ биле потребни 6190, или со други зборови во ИЕ бр. 6 во просек биле потребни 2312 гласа помалку за да се избери еден пратеник, отколку во ИЕ бр. 4.

При вакви резултати аритметичката средина на гласови од сите изборни единци, за добивање на еден пратеник е 7761 глас, што значи дека во изборните единици 1,2,3,4 и 5 потребно е да се соберат надпросечно гласови за да се добие еден пратенички мандат, а во ИЕ бр. 6 треба да се соберат потпросечен број на гласови.

Интересно е тоа дека просекот од 7761 глас потребно за да се добие еден пратеник, се добива и од количникот ако бројот на излезени гласачи на целата територија на Република Северна Македонија се подели со бројот 120, т.е. бројот на пратеничките мандати во Собранието на Република Македонија, доколку беше една изборна единица, т.е. 931369 гласа : 120 мандати = 7 761. 

Имајќи во предвид дека според Д’Хонтовата формула, мандатите се одредуваат според првите 20 најголеми количници, кога бројот на добиените гласови на една кандидатска листа се дели со прво со 1, па со 2, се до 20, интересни податоци се добиваат и кога ќе се споредат количниците на последниот добиен пратенички мандат:

Во 1. ИЕ  последниот количник е 6 827 со кој  ВМРО- ДПМНЕ и коалиција го добија последниот 20-ти пратенички мандат.  

Во 2 ИЕ последниот количник е 6841 со кој  СДСМ и коалиција го добија последниот 20-ти пратенички мандат.  

Во 3. ИЕ последниот количник е  6939 е на Левица, со што го добија последниот 20-ти пратенички мандат.

Во 4. ИЕ последниот количник е 7447  на ВМРО – ДПМНЕ и коалиција со кој го добија последниот 20-ти пратенички мандат. Во оваа ИЕ а Левица со 6835 гласа и ист прв количник не освои пратеник!

Во 5. ИЕ последниот количник е  6894 со кој  ВМРО – ДПМНЕ и коалиција го добија последниот 20-ти пратенички мандат.

Во 6. ИЕ последниот количник е  5352 со кој ДУИ го добија последниот 20-ти пратенички мандат.

Разликата помеѓу најголемиот и најмалиот количник добитник е 2 095, што претставува 39% од вредноста за да се добие пратенички мандат во 6-та ИЕ. Исто така симтоматично е дека Левица со количник 6835 во ИЕ бр. 4, не освојува пратеник а ДУИ со количник 5353 освојува пратеник во ИЕ бр. 1.

Доколку се направи симулација на освоените гласови на партиите и коалициите и колку би се добиле пратенички мандати доколку изборниот модел би бил со една изборна единица, би се добиле вакви компаративни резултати:

Партија/Коалиција Освоени мандати  со 6 ИЕ Со една ИЕ

СДСМ и коалиција 46 44

ВМРО-ДПМНЕ и коалиција 44 42

ДУИ 15 13

ААА 12 12

Левица 2 5

ДПА 1 2

ИНТЕГРА 0 2

ВКУПНО 120 120 

 

Други недоследности и негативности на актуелниот изборен модел

Значаен недостаток на овој изборен модел е дека не обезбедува да се спроведе уставниот принцип на соодветна и правична застапеност на сите припадници на заедниците во Репубика Македонија, и тоа во највисокиот орган во државата- Собранието! Тоа особено важи за немакедонските и неалбанските заедници во Македонија, кои ако се гледаат резултатите од пописите од 1948 па се до 2002 година, процентуално се застапени со 10-15% од вкупното население во Република Северна Македонија. Тоа значи дека ако доследно се почитува Уставот и амандамот VI за  соодветна и правична застапеност во сите државни органи, а Собранието е највисок државен орган, тогаш со законски решенија за припадниците на помалубројните заедници треба да се обезбедат 10-15% од пратеничките мандати како загарнтирани места. Тоа значи дека за ним треба да се резервираат 12-18 пратенички мандати, кои би се бирале на посебна изборна единица на целата територија на Република Северна Македонија, во случај да за наредните избори остане оваа поделба во 6 изборни единици.

Како други негативност на овој изборен модел се препишуваат и следните феномени:

 Вештачки територијални граници на изборните единици

 Поларизација и поделба на општеството

 Клиентелизам

 Граѓаните не влијаат во изборот на кандидатите ипратениците

 Намалено политичко влијание и моќта на Парламентот во споредба со Владата

 Намелена контрола на Извршната власт

 Пратениците од помалите заедници ги „избира“ главниот коалиционен партнер

Приоритети во реформата на изборниот модел

Демократизацијата на Република Македонија не можи да се развива ако за наредните избори не се почитуваат принципите на еднаквост на гласот на секој граѓанин при распределбата на мандатите, не се обезбеди Собранието да биде претставнички дом составен според волјата на гласачите, и да се обезбеди во Собранието како највисок орган на државата да се почитува уставното начело на соодветна и правична застапеност на сите заедници.

Имајќи го сето ова во предвид, при реформирањето на изборниот модел треба да се имаат во предвид следните приоритети, за кои се залага и Партијата за општествен и економски напредок- ПОЕН:

 1. Една изборна единица

 2. Отворени или преференцијални листи

 3. Промена на Д’ хонтовата формула за распоредување на мандатите

 4. Родова паритетност во доделување на мандатите

 5. Резервирани места за припадниците на заедниците

 

 

NEWSLETTER

Stay up To date with our newsletter. We Do Not Spam.

©2021 -ПОЕН - Партија за општествен и економски напредок

Search