ПРОПОРЦИОНАЛНИОТ ИЗБОРЕН СИСТЕМ И СУВЕРЕНИТЕТОТ НА ГРАЃАНИТЕ НА  РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

проф. д-р Темелко Ристески

Вовед

Според член 2 од Уставот на Република Северна Македонија, во Републиката суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните, како носители на суверенитетот, се и носители на власта во Републиката. Тие власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување. Доследно спроведен суверенитетот претпоставува супрематија на волјата на граѓаните, покрај другото, и при изборите на пратениците во Собранието на Републиката, претседателот на Републиката, градоначалниците и советниците во советите  на општините и градот Скопје.

На изборите во Републикава, според Изборниот законик, се применуваат два изборни системи: мнозински систем и пропорционален систем. Мнозинскиот систем се применува при изборите на претседател на Републиката и градоначалниците на општините и на градот Скопје, а пропорционалниот систем, при изборите на пратениците во Собранието на Републиката и на советниците во советите  на општините и Советот на градот Скопје.

 

1. Пропорционален изборен систем со отворени листи

 

Пропорционалниот изборен систем се применува на изборите во Републикава од  2002 година. Листите се затворени. Тоа значи дека гласачите гласаат за листа на политичка партија, на коалиција на партии или за независни кандидати при што на гласачкото ливче не се  наведени имињата на кандидатите. За спроведување на овој изборен систем Македонија е поделена на 6 изборни единици. Во секоја од нив се избираат по 20 пратеници. Во 2011 година се воведе гласање во странство, при што во 3 изборни единици се избира по 1 пратеник во мнозински изборен систем, со што Собранието на Републиката Македонија брои 123 пратеници. Распределбата на мандатите се врши според Донтовата формула. Во случај некое пратеничко место да се испразни, истото се пополнува со друго (следно) лице кое се наоѓа на листата.  

Да се вратиме на член 2 од Уставот. Имаме пропорционален изборен систем со затворени листи. Кандидатите за пратеници и нивниот редослед на листите ги одредуваат врхушките на политичките партии, односно на нивните коалиции. Познатиот југословенски теоретичар на државата, од времето меѓу двете светски војни, Евгениј Спекторски, во неговата книга  под наслов „Животот на државата“ вели дека пратениците се полномошници на граѓаните во законодавниот дом (односно кај нас и советите на општините – Т.Р.). Ако остварувањето на суверенитетот на граѓаните при изборите претпоставува супрематија на волјата на граѓаните при изборот на пратениците, во услови на затворени листи немаме супрематија на нивната волја, туку супрематија на волјата на партиските врхушки кои ги составуваат листите, се разбира, со очекувано помало или поголемо влијание на лидерите на партиите.  Се поставува прашање може ли, во овој случај, да стане збор за потполно демократски избрани претставници на граѓаните. Изборите се демократски, нема сомнение, но не потполно демократски. Граѓанинот се определува за  партија или коалиција на партии чија програма најмногу му одговара. Но изборот на пратеници не е демократски затоа што на граѓаните не им се овозможува да видат кои пратеници ќе ги претставуваат или  кои пратеници, како што би рекол Спекторски, ќе ги застапуваат  како  полномошници во Собранието. Ако сакаме да имаме потполно демократски избори мора да ги замениме досегашниве затворени листи со отворени за да можат граѓаните, како  носители на суверенитетот, непосредно да одлучуваат кои ќе бидат нивните претставници во Собранието од листата на партијата, односно коалицијата за чија програма се определиле.

Супрематијата на волјата на граѓаните при изборите, подразбира и нивно максимално учество во креирањето на листите, што кај нас не е случај. Кај нашите партии не постои внатрепартиска демократија или, ако постои, таа не е развиена до таа мера да му овозможи на граѓанинот на локално ниво ефективно да учествува во креирањето на листата на кандидати. Затоа излезот треба да се бара во тоа што ќе им се овозможи на граѓаните, членови или симпатизери на партиите, да учествуваат во креирањето на листите и да интервенираат во нив, пред се на локално ниво. 

Доколку се прифати пропорционалниот модел со отворени изборни листи, тежиштето на волјата  на гласачите нема да биде насочено кон партијата како носител на листата, туку кон кандидатите на листата за  кои тие сметаат дека најмногу, најпотполно и најквалитетно ќе ги застапуваат нивните интереси во Собранието. Со ова, секако, би се постигнал повисок степен на транспарентност на изборниот процес и би се овозможило понепосредно вклучување на граѓаните како носители на суверенитетот во креирањето на составот на Собранието на Република Северна Македонија. 

Пропорционалниот изборен систем со отворени листи на граѓаните им дава можност, покрај гласот што го даваат за партијата односно коалицијата за која се определиле, да гласаат и за поединечните кандидати од листата на таа партија односно коалиција на партии. Бројот на мандати што ги освојуваат партиите, односно коалициите на партии, ќе зависи од бројот на гласови, како и досега, додека, пак, пратеничко место ќе освојат оние кандидати од листата што ќе добијат најмногу  гласови од избирачите. Ова значи дека граѓаните ќе имаат можност да го изменат распоредот на кандидати на листата предложен од политичките партии.  

Воведувањето на овој модел ќе овозможи јакнење на супрематијата на волјата на граѓаните  при остварувањето на власта, а со тоа и повисок степен демократизација во Северна Македонија, како граѓанска држава. 

Потоа, со воведувањето на овој модел, би се натерале политичките елити на листите да ставаат лица кои  навистина се докажале со својата стручност, достоинство и углед меѓу граѓаните. Секако, граѓаните ќе имаат две можности: да ја заокружат листата онака како што е дадена од оној што ја предложил или самите да одлучат кому ќе му  ја дадат довербата да ги претставува - застапува во  Собранието. Нема сомнение дека со примена на овој модел во значителна мера ќе се ограничи моќта на политичките елити.

Од напред  изложеното произлегува дека главната предност на пропорционалниот изборен систем со отворени листи е во тоа што граѓаните сами ќе одлучуваат кој од предложените кандидати на листата ќе биде избран за  пратеник во Собранието, наместо изборот да го врши највисокото партиско раководство, со мало или никаково влијание на базата на локално ниво.

Друга предност на овој модел би била зголемувањето на мотивираноста на граѓаните да излезат на гласање и да го дадат својот глас за  кандидатот, односно кандидатите за кои сметаат дека најдобро ќе ги претставуваат во Собранието.

Не само што граѓаните ќе имаат можност самите да решаваат кој од предложените кандидати да добие предност, но и учеството на изборите на оние што се во втората половина на кандидатските листи сега ќе добие нова смисла, бидејќи ќе имаат причина да се борат за да бидат избрани, наместо како пасивни статисти да шетаат по предизборните митинзи.

Долгорочно гледано, примената на овој изборен систем ќе придонесе за поголема демократизација внатре во самите политички партии. Во натпреварот за освојување на секој глас политичките партии ќе бидат мотивирани да предлагаат што поквалитетни кандидати, за тие да добијат поголем број преференцијални гласови  од граѓаните и, се разбира, поголем број гласови за партиската листа. Потоа политичките партии исто така би кандидирале кандидати од различни етнички заедници, за добивање и на нивните гласови, со што би направиле значаен чекор кон мултиетнички кандидатски листи. 

Понатаму, се очекува овој изборен систем да придонесе во политиката да се вклучат лица што се стручни во својата област, а не се партиски определени и кои немаат никаква шанса да бидат избрани при постојниот систем затоа што партиите не ги кандидираат или, ако ги кандидираат, обично ги ставаат на подолните, недобитни места на листата.

Во врска со предностите на овој изборен систем сметам за потребно да ја кажам мислата на Антоан Сен Жист изречена во далечната 1792 година  која гласи: „ Оној што не е избран непосредно од народот, тој не може да го застапува народот.“

Поради неговите предности овој изборен систем се применува во 17 земји - членки на Европската Унија (од вкупно 27). 

Проблемот со кворум на седниците на Собранието, во услови на минимална разлика во бројот на мандатите меѓу власта и опозицијата, како што е сега, би се решил со додавање на потребниот бонус мандати од листата на победникот на изборите за да се избегне неефикасноста во работата на Собранието поради немање кворум. Такво решение на овој проблем има Република Грција.

 

2. Северна Македонија една изборна единица

 

Според пропорционалниот модел, како што видовме, во Република Северна Македонија пратениците се избираат во шест изборни единици, односно по 20 во секоја од нив. Со оглед на тоа што распоредувањето на мандатите се врши според Донтовиот модел, реално им се оневозможува на помалите политички партии, дури и кога ќе освојат околу 30 илјади гласови, ако тие гласови не им се концентрирани во една изборна единица, да имаат свој претставник во Собранието. Мандатите кои тие треба да ги добијат, според сегашниот модел, ги добиваат само големите партии кои на тој начин добиваат процентуално многу поголем број пратенички места во Собранието од процентот на освоените гласови. Тоа ги тераше малите партии да бидат сателити на големите и  во коалиција со нив, со тешки маки, да добијат по  некој пратеник. Последицата е, како што сме сведоци, стварање на „шарени“ коалиции во кои има партии од крајно лева, до крајно десна политичка ориентација. Во таква состојба на односите во изборниот систем влегувањето во парламентот на  помалите партии кои одбиваат да бидат сателити на големите партии, како и на независните кандидати, стана неизводливо.

Затоа е потребно,  наместо шест изборни единици, целата територија на Републиката да биде една изборна единица. Тоа ќе овозможи и гласовите на малите партии кои досега се губеа, да дојдат до израз и тие да добијат мандати во Собранието. Со тоа  уште повеќе ќе дојде до израз суверената волја на граѓаните при изборот ни нивните претставници во него. 

 

Наместо заклучок

 

Имајќи го предвид изложеното, сметам дека пропорционалниот изборен систем со отворени листи ќе ги даде најоптималните резултати според визијата на неговиот најголем поборник Џон Стјуарт Мил кој застапувајќи се за негово воведување рекол: „Во вистински еднаквата демократија секој ќе биде претставен пропорционално, а не непропорционално. Мнозинството избирачи секогаш ќе има мнозинство претставници, а малцинството избирачи ќе имаа помал број претставници. Сметајќи го човекот за човек, малцинството би било претставено пропорционално толку целосно колку и мнозинството. Ако не е, нема еднакво  правно владеење, туку владеење на нееднаквоста и  привилегиите.“ 

 

 

NEWSLETTER

Stay up To date with our newsletter. We Do Not Spam.

©2024 -ПОЕН - Партија за општествен и економски напредок

Search