Како до подобар изборен модел

Вонр. проф. д-р Бојана Наумовска

Целта на секои избори е изразување на волјата на граѓаните, тие со својата поддршка на конкретна политичка партија и конкретна предизборна програма учествуваат во креирањето на политиките, го даваат правецот во кои сакаат да ја видат својата држава како се движи. Со изборите им се дава легитимитет на следните пратеници и носители на извршната власт, со гласањето на изборите граѓаните им го предаваат своето право за одлучување на пратениците. Од тука е сосема логична заложбата, да секој даден глас се вреднува исто и  граѓаните на кој дел од територијата и да живеат да се чуватвуваат еднакви. Тенденцијата на секој изборен модел мора да биде во  насока на обезбедување на поголема еднаквост на гласачите, секако во согласност со останатите општествени случувања.

Во Македонија и покрај тоа што ова ни е трет изборен модел, сепак промени и понатаму се посакувани. На македонскиот изборен модел очигледно уште треба да се работи за истиот навистина да може да претставува соодветен модел согласно со потребите на граѓаните. Изборниот модел секако останува да биде пропорционален, но кои промени би можеле понатаму да се направат за да пропорционалноста се зголеми?

Кога се зборува за македонскиот пропорционален изборен модел во насока на зголемување на неговата пропорционалност, во исто време се зборува и за зголемување на можноста за претставување на ставовите на граѓаните кои својот глас решиле да го дадат за една од помалите политички партии. Секоја промена го менува соодносот помеѓу големите и малите партии, но во исто време може да влијае и на соодносот помеѓу македонскиот и албанскиот “блок“ на партии.

Врз основа на направената симулација на изборите од 2008 година (превземено од мојот докторски труд) со промена на бројот на изборни единици до 6 на 1ие се добива значително различна распределба на пратеничките мандати. Симулацијата е направена со користење на Д’Онтовата формула која по дефиниција ги фаворизира големите партии. Вкупно 7 мандати би требало да бидат поинаку распоредени во насока на зголемено претставување на помалите партии. Исто така тука не би требало да се заборави дека ова е само симулацина на веќе добиен изборен резултат. Доколку изборите се организараат во 1и.е. би се очекувала поголема подршка за малите партии, бидејќи во такви случаи граѓаните ќе знаат дека нивниот глас за која партија и да е даден, е даден глас. Во околности на 1и.е. се исклучува и можноста од негативна кампања кон малите парии со пароли “даден глас за мала партија е изгубен глас“ (на која што бевме сведоци и на последните избори).

Кои би биле позитивните ефекти од воведување на 1и.е.? Секако на прво место би бил фактот што секој даден глас би бил исто значаен. Ваквата промена би значела повеќе пратеници од помалите партии кои пак за да ги привлечат гласачите би требало да понудат истакнати граѓани кои би биле препознатливи за гласачите. Ваквата промена би можела да значи поквалитетно Собрание, што пак на подолг рок би требало да резултира и со промена на начинот на формирање на кандидатски листи од страна на големите партии.

Но доколку се погледнат бројките што во исто време значи намалување на моќта и влијанието на големите партии но и намалување на можноста за освојување на власта, или потешкотии во процеост на преговарање за коалицирање, јасно е дека доколку пратениците се водат од партиските интереси никогаш нема да изгласаат промена на Изборниот законик. Но доколку навистина го мислат тоа што многу често го кажуваат “во интерес на граѓаните“ или “волјата на граѓаните“ треба тие да бидат носители на процесот на изборните промени. Во продолжение следат неколку податоци од истражување на Институтот за демократија (ИДСЦС) насловено „Која е генералната перцепција на граѓаните за Собранието на РСМакедонија?“

- 71% (целосно или делумно) сметаат дека Владата го контролира Собранието а 37% (целосно или делумно) сметаат дека Собранието ја контролира Владата (што зачи дека перцепцијата на граѓаните е дека пратениците не ја вршат една од основните нивни функции)

- Колку често пратениците ги застапуваат следните интереси? (проценти за одговорот секогаш): партискиот 73%, личниот 73%, бизнис интересите 43%, интересот на етничката заедница 18%, интересот на граѓаните 6% (или 16% грешка во графиконот)- интересот на граѓаните на дното на листата на интереси

- Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните (графикон 26)

- Довербата во Собранието е оценето со средна оцена 4 (од 1 до 10)

- Околу 50% целосно или делумно се согласуваат дека промената на начинот на кој се избираат пратениците (изборниот модел) може да придонесе за поквалитетен состав на Собранието

- Пратениците се целосно зависни од волјата на лидерот на политичката партија (целосно се согласуваат 54% а делумно 28%)

- Промената на начинот на кој се избираат пратениците (изборниот модел) може да придонесе за намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери (околу 50% од испитаниците сметаат дека ова може да се постигне)

 

Од накратко изнесените податоци може да се види дека граѓаните не се задоволни од работата на Собранието, поточно не се задоволни од работата на пратениците, од интересите кои ги застапуваат што резултира со ниската доверба. Ваквите податоци укажуваат од потреба за итна промена на изборните правила, кои пак треба да имаат за цел доближување на пратениците до гласачите. За да се постигне ова мора да ги направиме потребните чекори за воведување на отворени листи и преференцијално гласање. 

 

На темата отворени наспроти затворени листи од страна на Националниот демократски институт НДИ во текот на 2010 година е организирана Национална академска конференција на тема „Претставување и одговорност – отворени или затворени листи на кандидати?“ со експерти и истражувачи од Македонија и во трудовите преовладува потребата од отварање на листите иако се споменуваат и негативните последици од овој процес.

 

Кои би биле продобивките од отворени листи (кога би било дозволено рангирање на кандидатите кои претатавуваат преференца за граѓаните – поединечен пренослив глас каде што изборот на кандидати може да биде од различни листи на пратеници):

1. Поврзување на пратениците со гласачите што значи и одговорно однесување на пратениците, почитување на мислењето на граѓаните и застапување на нивните интереси, поголема грижа за јавниот интерес, користење на мандатот во полн капацитет од аспект на надлежности и одговорности на пратеникот;

2. Намалување на улогата на лидерите на политичките партии (конечно напуштање на досегашниот концепт на “султан партии“, лидерот за да може да обезбеди повеќе пратеници во Собранието, ќе мора да рамислува во насока на креирање на листата на пратеници со истакнати и почитувани членови а не со послушни сопартијци);

3. Демократизација на партиите и сите процеси;

4. Поголема можност Владата да биде професионална (бидејќи нема да може да има движење Собрание-Влада, а на листите ќе мора да има истакнати препознатливи членови);

5. Намалување на можноста од манипулирање со изборните гласови;

6. Партиите ќе бидат повеќе фокусирани на локални средби со граѓаните отколку со големи митинзи;

7. Покрај меѓупартиската ќе има внатрепартиска борба што се очекува да го подобри квалитетот на пратениците.

Во моментов сме во состојба на постоење на високо исполитизирани граѓани и апстиненти, последните години со своите активности партиите почнаа да ги губат симпатизерите. За да ги вратиме граѓаните во процесот на избори, но и да ја вратиме смислата на изборите, и одговорноста која им се предава на пратениците и која мора да ја почитуваат и негуваат, задолжително е потребна промена на изборниот модел, отварање на Собранието за помалите политички партии или листа на граѓани кои ќе треба да ја донесат свежината во неговото работење. Овој процес индиректно ќе значи и промени кај големите партии. Тие ќе мора да се држат до програмата со која освоиле гласови, ќе мора да кандидираат за пратеници членови кои знаат јасно да се изразуваат наместо партиски послушници кои само гласаат. Пратениците во изменетото Собрание ќе треба сами да го формираат својот став затоа што лично тие одговараат пред граѓаните.

Во изменетиот изборен модел сметам дека загарантирани места во Собранието треба да добијат сите етнички заедници. На овој начин овие мали партии ќе можат да се фокусираат на зачувување на културниот идентитет и застапување на интересите на заедницата. Овој процес значи во секој случај една изборна единица за етничките партии, а за секоја одделно изборот на пратеник би се вршел по принципот на мнозинскиот модел со еден круг.

За да може да стигнеме до вистинскиот модел кој е најдобар за нашето општество но и соодветен согласно условите, треба да се посвети повеќе внимание, потребни се симулации и истражувања во кои државата мора да учествува. Доколку промените кон тие и отворени листи (во кои би можеле да се одберат/рангираат повеќе имиња како преференци на избирачите) не се возможни и компатибилни да се случуваат во ист момент, сметам дека врз основа и на прикажаните податоци но и на направени дополнителни аналзи, нашиот систем има повеќе потреба од отварање на листите и поврзување на мандатите директно со граѓаните. Можноста што би ја имале граѓаните да гласаат за кандидати од различни листи им остава голем простор за делувања и на малите политички партии.

Вонр.проф.д-р Бојана Наумовска

 

NEWSLETTER

Stay up To date with our newsletter. We Do Not Spam.

©2024 -ПОЕН - Партија за општествен и економски напредок

Search